Митревски: Игравме колку што ни дозволија, толку ни беше силата…

ЕКИПА во Берлин,

Стеван Цаневски

Никола Митревски спортски го призна поразот на дуелот со Германија, потенцирајќи дека противникот ја потврдил разликата во квалитет на теренот на „Мерцедес Бенц Арена“ во Берлин.

„Беа помоќни од нас, демонстрираа сила, лесно не добија. Моравме и можевме да одиграме подобро, да влеземе повеќе во дуел. Уште на стартот не успеавме да го задржиме нивниот налет, многу лесно не добиваа во дуел, можеби и самите беа изненадени колку лесно го правеа тоа. Толку ни е силата, одигравме толку колку што ни дозволија“, истакна голманот Никола Митревски.

Шансите за пласман во следната фаза се дефинитивно загубени, но пред ракометарите е уште еден предизвик во Берлин – дуел со селекцијата на Швајцарија која на хартија важеше за најслаб ривал, но сепак изненади на вчерашниот дуел со Франција ремизирајќи со олимпискиот шампион.

„Со она што го покажаа против Франција вчера, Швајцарците само покажаа дека имале лош ден во првото коло против Германија. Ние немаме што да загубиме, треба да излеземе на терен и да дадеме се од себе. Ова ЕП требаше да уживање бидејќи е задоволство е да се игра пред оваа бројна публика, но многу лесно не разбија“, вели Митревски.

Се вчитува...