Митревски по првата фаза од подготовките: Атмосферата во тимот е на високо ниво

Македонската ракометна репрезентација успешно ги заврши првиот дел од подготовките за престојното Европско првенство кое на почеток на новата година ќе се одржи во Германија.

По неколкудневните физички и тактички подоготвки, во Стара Пазова беше одигран и пријателскиот натпревар против Црна Гора каде и покрај тоа што резултатот беше во втор план, нашите репрезентативци се радуваа на победа во натпревар од три полувремиња.

Задоволството од прикажаното на првиот дел од подготовките не го криеше капитенот Никола Митревски кој посебно ја напомена добрата атмосфера во тимот.

„Овие осум-девет дена беа малку понапорни, се работеше на физичка и тактичка подготовка. Тренинзите беа напорни, сите го дававме својот максимум, бевме уморни, но најважно атмосферата беше на високо ниво, имаше простор и за дружење, заеднички игри и малку релаксација.

После двата тренинг натпревари помеѓу нас, одигравме натпревар против Црна Гора, резултатот беше во втор план, ние се прикажавме во добро светло, игравме сите. Иако бевме малку уморни, успеавме да им дадеме многу голови, да трчаме, да постигнуваме голови од транзиција и да победиме една репрезентација како што е Црна Гора. Иако беше без двајца-тројца играчи, сепак има многу други ракометари кои играат во најдобрите лиги и имаат големо интернационално искуство“, изјави капитенот.

Репрезентативците со подготовките продолжуваат по новогодишните празници. Предвидено е на 4 и 5 јануари да бидат одиграни последните две контролни средби против селекција на Грција во Скопје, по што „црвено-жолтата експедиција“ на 8 јануари ќе замине за Германија каде два дена подоцна ги очекува и првиот меч на континенталниот собир против Франција на фудбалскиот стадион во Дизелдорф пред 55 илјади навивачи.

Се вчитува...