Младите без Митровски, Даци, Тошевски, Илиевски и Фазлиу против Црногорците

Младата репрезентација ќе биде без Димитар Митровски, Ердон Даци, Давид Тошевски, Бојан Илиевски и Љавдрим Фазлиу за натпреварот против Црна Гора, последниот во квалификациите за пласман на ЕП кој се игра во вторник (17. ноември) од 13:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

„Димитар Митровски, Ердон Даци, Давид Тошевски, Бојан Илиевски и Љавдрим Фазлиу се фудбалерите кои ќе недостасуваат против Црна Гора. Принудени сме на големи промени, повикавме нови фудбалери и ќе направиме се што е во наша можност да одиграме квалитетно на последниот натпревар. Иако, промените се принудни и дојдоа на некој начин шокантно за сите нас, сепак, ние сме репрезентација која е подготвена да се носи со сите работи. Посакувам здравје, во овој момент тоа е најважно. Јас можам да ветам дека и со овие фудбалери ќе одиграме максимално, а ќе видиме што тоа ќе донесе на резултатски план“ – вели селекторот Благоја Милевски.

Селекцијата до 21 година се соочи со проблеми со коронавирусот во своите редови поради што дополнително за натпреварот со Црна Гора се повикани Виктор Крстевски од Вардар, Енсар Љума од Шкендија, Ване Јованов од Академија Пандев и Славе Маркоски од Охрид.

Се вчитува...