Младите фудбалери без Младеновски отпатуваа за Торшавн, неизвесен настапот на Руфати

Македонската репрезентација до 21 година отпатува за Фарски Острови каде што утре со почеток во 15 часот го игра натпреварот од шестото коло во квалификациската група за пласман на Европското првенство.

Селекторот на нашата млада репрезентација, Благоја Милевски за утрешниот натпревар во Торшавн нема да смета на Марио Младеновски. Дефанзивецот на дански Фремад Амагер поради повреда не отпатува на гостувањето во Фарски Острови, а неизвесен е настапот на Агрон Руфати. Фудбалерот на Истра има расекотина на аркадата заработена од дуелот со Шпанија. Мечот против Фарски Острови поради суспензија (жолти картони) ќе го пропушти и капитенот Давор Здравковски.

„Се соочуваме со одредени проблеми поради повреди на некои фудбалери, но тоа е нешто што мораме да го прифатиме. Овој дуел ќе биде сосема поразличен во однос на натпреварот со Шпанија, но и нова можност за играчите да го потврдат својот квалитет и потенцијал. Покажавме дека можеме да се спротивставиме на најдобрите и тоа ни дава за право сеуште да веруваме во добар пласман во групата. Сега ситуацијата е поинаква, противникот иста така, но останува обврската да одиграме најдобро што можеме и секако да се однесуваме дисциплинирано и професионално во играта и нашиот однос. Верувам во фудбалерите и се надевам на многу позитивни работи на утрешниот натпревар“, истакна Благоја Милевски за сајтот на ФФМ.

Се вчитува...