Младите фудбалери пред нов предизвик: Да се потврди фаворитската улога против Фарски Острови

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година на несреќен начин остана без бодови против фаворитот Шпанија, но веќе е фокусирана на новиот предизвик. Избраниците на селекторот Благоја Милевски отпатуваа за Фарски Острови и денеска, со почеток во 15 часот ќе го одиграат натпреварот од шестото коло во квалификациската група за пласман на Европското првенство. Овојпат се фаворити против ривалот што на домашен терен го совладаа со убедливи 7-1.

Селекторот Благоја Милевски нема да може да смета на повредениот Марио Младеновски, неизвесен е настапот на Агрон Руфати, а капитенот Давор Здравковски ќе го пропушти мечот поради жолти картони.

„Се соочуваме со одредени проблеми поради повреди на некои фудбалери, но тоа е нешто што мораме да го прифатиме. Овој дуел ќе биде сосема поразличен во однос на натпреварот со Шпанија, но и нова можност за играчите да го потврдат својот квалитет и потенцијал. Покажавме дека можеме да се спротивставиме на најдобрите и тоа ни дава за право се уште да веруваме во добар пласман во групата. Сега ситуацијата е поинаква, противникот иста така, но останува обврската да одиграме најдобро што можеме и секако да се однесуваме дисциплинирано и професионално во играта и нашиот однос. Верувам во фудбалерите и се надевам на многу позитивни работи на овој натпревар“, вели селекторот Благоја Милевски.

Се вчитува...