Младите фудбалери триумфално против Фарските Острови

Младинската репрезентација на Македонија ја забележа третата победа во овој квалификациски циклус, триумфирајќи на гостувањето против Фарските Острови со 1-2. Селекторот Милевски се погрижи несреќниот пораз од Шпанија да не остави трага врз изданието на неговиот состав, па „црвено-жолтите“ одиграа квалитетен меч, го диктираа темпото и на крајот заслужено освоија три бода со кои се искачија на второто место на табелата.

Македонија тргна офанзивно буквално од првата минута, селејќи го тежиштето на играта во противничката половина. Ваквиот пристап вроди со плод уште во раната фаза од мечот, па Ристовски го отвори резултат веќе во 15. минута. Првиот обид на фудбалерот на Ријека беше блокиран, но тој одлично се снајде и одбиената топка со силен удар со левата нога ја смести во мрежата. Напаѓачкиот пристап на нашите млади фудбалери продолжи до крајот на полувремето, но и покрај бројните корнери не успеаја да постигнат втор погодок.

Домаќините заиграа нешто подобро во вториот дел, воспоставувајќи контрола на средината од теренот. Сепак, Македонија успеа да стигне до водство од 0-2, откако „резервистот“ Ацковски најдобро се снајде по една грешка на голманот на Фарските Острови, погодувајќи за огромна радост на „црвено-жолтите“ во 80. минута. Домаќините до крајот успеаја само да го ублажат поразот преку Кнудсен во 84. минута.

Македонија со оваа победа скокна на второто место на табелата со десет освоени бода. Патот до ЕП 2021 сепак нема да биде нималку лесен ако се знае дека билет за европскиот шампионат обезбедуваат деветте победници во групите и петте најдобри второпласирани селекции. Како и да е, овој триумф ја остава Македонија во игра во трката за најдобрите второпласирани репрезентации, за остварување на сонот нашите младинци вторпат да се најдат на еден младински фудбалски европски шампионат.

Се вчитува...