Момент на вистината за Металург во Цирих

Ракометарите на Металург вечерва (18.45 часот) го играат клучниот натпревар за влез во групната фаза од Лигата на Европа, на гостински терен против Криенс. Салата на домаќините не ги исполнува стандардите на ЕХФ, па овој меч ќе се игра во Цирих, каде „металурзите“ ќе се обидат да ги одбранат оние два гола позитива од првиот меч во Скопје (26-24). Тоа беше натпревар со бројни пресврти во кои Металург покажа моменти на блесок, но и периоди на сериозна криза во играта.

„Јас верувам во мојот тим, знам дека Металург може да игра многу подобро, но сите ќе мора да дадат свој придонес. Ништо не е променето, и претходно знаевме дека патникот во групната фаза ќе се решава во Швајцарија, јасно ни е што треба да поправиме за да бидиме „вистински“ на тој реванш. Ако бидеме на висина на задачата, ако сите дадеме свој придонес, верувам дека ќе ја оствариме целта“, истакна тренерот Зоран Кастратовиќ.

„Металурзите“ инвестираа во играчкиот кадар во текот на летово, се со цел да се стигне до групите од Лигата на Европа, па јасно е дека евентуален неуспех би бил огромно разочарување и би можел да доведе и до заминување на дел од играчите кои не ги оправдаа очекувањата на Кастратовиќ и на управата на поранешниот македонски шампион

На спротивната страна, самиот пласман во овој плејоф е успех за Криенс, но швајцарскиот тим не крие дека сака да испише историја со влез во групната фаза. Домаќините ќе бидат засилени со враќањето на Лапајне, поранешниот ракометар на Металург кој не настапи на дуелот во Скопје.

„Верувам во мојот тим, знам дека можеме да го минеме Металург и да се пласираме во групната фаза. Свесни сме за грешките направени во финишот од првиот натпревар, работевме напорно за истите да не се повторат на овој реванш“, изјави стратегот на Криенс, Горан Перковац.

Се вчитува...