Мораеш на чекор до Веспрем

Рожерио Мораеш е чекор поблиску до заминување од Вардар по позитивната рунда преговори што бразилскиот пивот ја водел со управата на Веспрем. За услугите на овој „вардарец“ се интересираше и Раул Гонзалес, кој сакаше да го доведе Мораеш во ПСЖ, но понудата на Веспрем е супериорна во однос на онаа на францускиот првак, што ќе придонесе овој ракометар летово да се пресели во Унгарија.

ЕКИПА го најави заминувањето на Мораеш уште пред повеќе од еден месец, откако стана јасно дека Бразилецот ја игра својата последна сезона во дресот на „црвено-црните“. Влошената финансиска состојба во клубот придонесе тој предвреме да почне да си бара нов ангажман, а од понудите на негова маса најпримамлива е онаа од Веспрем.

Мораеш се уште се рехабилитира од повредата поради која мораше да биде опериран пред крајот на минатата година. Бразилскиот пивот почна со лесни тренинзи, па останува да се види дали ќе биде „фит“ за настап при продолжението на Лигата на шампионите и гостувањето во Германија против Рајн-Некар Левен закажано за 6 февруари.

Се вчитува...