Можат ли ракометарите до триумф над Русија, за крај на серијата порази?

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација денеска со почеток од 13 часот ќе се сретне со Русија, во првиот од двата натпревари што ќе ги игра во текот на викендов во борбата за пласман од 13. до 16. место. Ситуацијата е невообичаена за нашите репрезентативци кои досега редовно стигнуваа до втората рунда од големите натпреварувања, но поразите од Хрватска, Шпанија и Исланд придонесоа Македонија да го освои четвртото место во групата, што со новиот систем на натпреварување беше недоволно за пласман во главната фаза.

Разочарувањето по неуспехот со Исланд беше и повеќе од видливо, па затоа клучно за нашите ракометари ќе биде да се најде мотивација за денешниот дуел да се одигра на највисоко ниво.

„Одиме во Келн за достоинствено да го доиграме ова светско првенство. Не ни е лесно, треба да најдеме мотивација за да ги одиграме следните два натпревари, да одиграме најдобро што можеме, па потоа да размислуваме што понатаму“ – истакна Дејан Манасков по поразот од Исланд.

Русија е селекција со многу осцилации во играта, која го загуби клучниот натпревар од Бразил, но затоа извонредно им парираше на Германија (реми) и на светскиот првак Франција (пораз со гол во последната секунда). Тимур Дибиров, кој е еден од главните адути на „зборнаја“ и на овој Мундијал, најави дека лесно може да се случи на средбите од „Президент купот“ шанса да добијат дел од помладите ракометари.

Мислам дека е време оние кои играа помалку на ова првенство сега да се појават во тимот против Македонија. Разочарани сме бидејќи игравме добар ракомет, а не се пласиравме во следната рунда“ – изјави Дибиров пред заминување од Берлин, по комплетирањето на првата рунда и освоеното четврто место во групата А.

Натпреварот меѓу Македонија и Русија се игра во „Ланксес арена“ во Келн со почеток во 13 часот, а во вториот натпревар од „Президент купот“ во 15.30 часот ќе се сретнат селекциите на Катар и Чиле.

Се вчитува...