Може ли Данска да ја симне Франција од тронот?

Со денешното полуфинале меѓу Франција и Данска (17.30 часот) стартуваат битките за поделба на медалите, кои денеска ќе се водат во Хамбург, за в недела големото финале да се игра во Хернинг.

Првиот дуел е пресметка за ракометните гурмани, актуелниот олимписки првак Данска ќе се пресмета со бранителот на трофејот Франција. Данците се единствената селекција со максимален ефект, но на избраниците на Николај Јакобсен им е јасно дека најтешките предизвици допрва доаѓаат, почнувајќи од денешниот дуел со „триколорите“.

„Французите се најракометна нација во светот. Знаеме колку ќе ни биде тешко, но верувам дека можеме да успееме. Доколку нашите клучни играчи имаат свој ден можеме да стигнеме до финалето“ – изјави Јакобсен во пресрет на денешната полуфинална пресметка.

Франција во својот последен меч во Келн загуби од Хрватска, но тоа беше дуел без поголемо резултатско значење за „триколорите“.

Овие две селекции многу добро се познаваат, во последните две и пол години имаат одиграно вкупно десет дуели. Последниот официјален натпревар го одиграа лани на ЕП во Хрватска, каде во „малото финале“ Франција славеше со 32-29. Данска последната победа ја забележа во„Златната лига“ во 2018 година, а најзначајната победа на скандинавската селекција беше онаа во 2016, во големото финале од ОИ со резултат 28-26.

„Искуствата од минатото говорат дека работите не се одвиваат секогаш како што планирате. Затоа, нема да говорам многу за моите прогнози, знам дека пред нас е тежок ривал за кого мораме да одиграме најдобро што знаеме за да го победиме“ – истакна Дидие Динар.

Се вчитува...