Муарем Бајрами: Не чувствуваме никаков притисок што играме со бугарска екипа, на ЦСКА ја препуштаме фаворитската улога

Шефот на стручниот штаб на Македонија ЃП, Муарем Бајрами вели дека неговата екипа е максимално подготвено за надигрување со бугарската ЦСКА Софија во 2. квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига.

„Лавовите“ утре од 17:30 часот на теренот на тренинг-комплексот на ФФМ ги очекува првиот натпревар против Бугарите на кои Бајрами им ја препушта фаворитската улога на хартија.

„Добро знаеме дека играме против една од најдобрите екипи на Балканот, па затоа и ја препуштаме фаворитската улога. Но, убеден сум дека ние ќе одиграме одличен натпревар затоа што макотрпно 40 дена се подготвувавме за овој меч кој за нас многу значи. Добро го анализиравме противникот, ЦСКА е фаворит но ги знаеме и нашите математики, амбиции и цели“ – истакна Бајрами на денешната прес-конференција, притоа потенцирајќи дека никој во тимот не чувствува притисок поради актуелната политичка ситуација и тоа што се игра против бугарска екипа.

„Јасно ни е дека играме со бугарска екипа, но никој кај нас апсолутно поради тоа не чувствува некаков дополнителен притисок. Концентрирани сме на играта, и фокусот е како да одиграме најдобро кон позитивен резултат“.

Во таборот на Македонија ЃП добро е анализиран утрешниот противник…

„Имаме навистина прецизни информации за тимот на ЦСКА. Знаеме како играат и каква филозофија негува нивниот тренер. Се работи за силен тим против кој ќе треба да се одигра максимално во текот на сите 90 минути. Негуваат офанзивен фудбал, а наше е сето тоа да го блокираме и секако да ги искористиме нашите шанси“ – вели Бајрами.

Се вчитува...