Муричи го шокираше моќниот Реал Мадрид уште во првото коло

Реал Мадрид е актуелен шампион, згора на тоа летово засилен и со Килијан Мбапе, па јасно е зошто „кралевите“ и во новата сезона важат за главни фаворити за титулата во шпанската Примера дивизион. Токму затоа, големо е изненадување што избраниците на Карло Анчелоти се лизнаа уште во првото коло, играјќи само 1-1 на гостувањето против Мајорка.

А почетокот беше одличен за „кралскиот клуб“, кој нападна од првата минута и во раната фаза стигна до предност од 0-1 со прекрасниот погодок на Родриго. Реал продолжи со контрола и со офанзивен фудбал со Винисиус, Родриго и Мбапе во стартниот тим, но и остави многу простор што домаќините за малку ќе го искористеа во првото полувреме.

Мајорка стигна до израмнување во вториот дел, стрелец беше Муричи, кој одлично се снајде по корнерот од левата страна и го матираше Куртоа. „Кралевите“ тргнаа во нова офанзива, но бункерот на домашниот тим издржа, беа затворени сите приоди кон голот на Мајорка и овој тим стигна до еден бод во дуелот со фаворитот.

Разочарани од конечниот исход, „кралевите“ во финишот останаа и со фудбалер помалку откако левиот бек Менди доби заслужен директен црвен картон по еден груб старт врз Муричи.

Се вчитува...