МЗТ игра фуриозно во АБА2, во Аеродром „збришан“ и Борац

МЗТ Скопје продолжува со одлични настапи на стартот од сезоната во АБА2 лигата откако македонскиот вицешампион во рамките од второто коло го декласираше српскиот претставник Борац Чачак со убедливи 82-57. „Металците“ охрабрени по дуелот со Хелиос вечерва повторно доминираа, потврдувајќи дека имаат тим подготвен за атак на највисок пласман во ова натпреварување. Ѓорѓи Кочов ја доби тактичката битка со поранешниот македонски селектор Јовица Арсиќ, па младиот стратег на МЗТ мора да е задоволен од почетната форма на својот тим, во пресрет на официјалниот почеток и на домашното првенство закажан за претстојниот викенд.

Гостите поведоа на самиот почеток со 0-2, потоа и со 3-4, но МЗТ со поените на Стојановски и Бојиќ стигна до 5-4, по што македонскиот тим го контролираше резултатот до самиот крај на натпреварот. Во првите пет минути игра и двете екипи мака мачеа со нападот, „металците“ водеа со 8-4, а потоа избраниците на тренерот Кочов предводени од Медфорд стигнаа до солидно водство од 18-10. Дамјан Стојановски погоди тројка во 12. минута за прво двоцифрено водство на „сино-белите“ (21-10), по што предноста се движеше околу десет поени. По тројката на Соколов за 29-17 гостинскиот тренер Арсиќ побара тајмаут во 15. минута, но МЗТ лесно го контролираше темпото, па на одмор замина со предност од 40-26.

Македонскиот претставник лесно ја одржуваше предноста околу 15 минути во првиот дел од третата четвртина, за потоа Борац да влезе во мини-серија и да ја спушти разликата под десет (47-39). Сепак, МЗТ навреме се разбуди, па во последните две минути од оваа четвртина и го реши прашањето на победникот. При резултат 53-42 „металците“ предводени од Соколов и од Бојиќ експресно нанижаа девет поени во серија, па во последните десет минути се влезе во огромни 20 поени предност за МЗТ Скопје (62-42).

Остатокот од мечот беше рутина за домашниот тим, кој успеа уште веќе да ја зголеми својата предност се до конечните 82-57. Медфорд беше најфикасен со 18 поени, Бојиќ го заврши мечот со 15, додека вториот Американец Вудард беше стрелец на 12 поени во новиот триумф на аеродромци. Од домашните играчи, Соколов постигна девет, а Дамјан Стојановски осум поени.

МЗТ Скопје во третото коло го очекува дерби дуел на 11 октомври на гостински терен со Приморска, тимот со најголем буџет во лигата и сериозна амбиција да влезе во елитното друштво од АБА-лигата.

Се вчитува...