МЗТ Скопје Аеродром ја урна гостинската бариера, го освои Вршац во АБА 2

Македонскиот вицепрвак МЗТ Скопје Аеродром ја оствари првата победа на гостински терен во АБА 2. Избраниците на Ѓорѓи Кочов го совладаа тимот на Вршац со 88-95 и сега имаат ефект од пет победи и два порази во второто по ранг регионално кошаркарско натпреварување.

Клучна беше втората четвртина, која „металците“ ја добија со 12 поени разлика (24-36), остварувајќи убедлива предност која ја одржуваа до самиот крај.

По првите десет минути, Вршац имаше минимално водство (27-26), но тогаш отпочна серијата на МЗТ Скопје, кој на полувреме замина со предност (51-62), а во 25.минута стигна и до убедливи 18 поени позитива (60-78). На крајот, МЗТ Скопје Аеродром славеше со 88-95.

Најрасположен за игра во таборот на тимот од „Јане Сандански“ беше Андрија Бојиќ со 29 поени, Џејмс Вудард постигна 18, а Дамјан Стојановски беше стрелец на 14 поени. Во домашниот состав Немања Капетановиќ и Страхиња Јовановиќ уфрлија по 17 поени.

Се вчитува...