МЗТ по „трета среќа“ за прва гостинска победа во АБА2

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва во 18 часот ќе му гостуваат на Вршац во рамките од седмото коло од АБА2 лигата. „Металците“ во претходните шест кола имаат четири победи и два порази, претрпени на досегашните две гостувања, па тренерот Кочов и неговите избраници се надеваат дека во третиот меч надвор од Скопје конечно ќе стигнат и до првиот триумф.

Вршац моментно се наоѓа на последното место на табелата, но истото пред две седмици се однесуваше и на Зрињски, па претставникот на БиХ лесно и убедливо го совлада МЗТ, пораз од кој македонскиот вицепрвак мора да извлече што повеќе поуки.

„Пред нас е исклучително тежок натпревар, бидејќи Вршац е одличен тим составен од квалитетни кошаркари кои во ниту еден момент не смеат да бидат потценети. Згора на тоа, проблем за нас е отсуството на Иве Иванов, кој се повреди на последниот меч со Сплит. Мораме да бидеме храбри и максимално решителни, само така можеме да стигнеме до посакуваната цел“ – изјави Ѓорѓи Кочов во пресрет на денешниот натпревар.

Овој дуел ќе биде и „генерална проба“ за МЗТ Скопје во пресрет на големото дерби со Работнички, што ќе се игра в понеделник во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20.15 часот.

Се вчитува...