МЗТ пред празен „Јане Сандански“ шокиран од Хелиос (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје доживеаја неочекуван пораз во 18. коло од АБА 2 лига. На натпреварот кој се одигра пред празни трибини во салата на спортскиот центар „Јане Сандански“, кошаркарите на македонскиот шампион загубија од Хелиос со 85-89 (21-23, 26-16, 18-28, 20-22).

Во крајно драматичен дуел, „металците“ потклекнаа пред гостите во самиот финиш. На пет минути пред крајот на натпреварот МЗТ Скопје имаше водство од 73-72, но потоа следеше огромен пад во играта, па гостите со серија од 4-11 стигнаа до предност од 77-83 на 105 секунди до крајот. Во последните моменти „металците“ немаа сили за пресврт па на крај мораа да се помират со поразот од 85-89.

Најефикасен кај МЗТ беше Хајндс со 18 поени, дополнети и со шест асистенции, а Стојановски го заврши мечот со 17 поени. Кај Хелиос се издвоија Макхович со 29 поени и Коњевиќ со 24 постигнати поени.

МЗТ Скопје остана на 12 победи во второто по квалитет регионално натпреварување, на втората позиција на табелата зад Борац Чачак. Хелиос, пак, стигна до деветтата своја победа во АБА 2 лигата, наспроти и девет порази.

Се вчитува...