МЗТ сериозно ослабен на дуелот со Спарс

Македонскиот вицешампион МЗТ Скопје ќе биде сериозно ослабен на утрешното гостување во Сараево против Спарс во рамките од АБА2 лигата, откако тројца македонски репрезентативци поради повреда отпаднаа од комбинација за настап на овој значаен натпревар.

„Металците“ мака мачат на гостувањата во АБА2, а задачата на утрешниот дуел е уште потешка ако се знае дека тренерот Кочов на располагање ќе ги нема Марко Симоновски, Љубомир Младеновски и Дарко Соколов, кои поради повреди не отпатуваа со тимот во БиХ.

„Пред нас е дуел против екипа која поседува голем физички талент, а згора на тоа има и голем број искусни играчи во својот ростер. Кошаркарите на Спарс играат агресивна одбрана, одлично трчаат во транзиција и секогаш се агресивно на офанзивен скок. Наспроти ова, ние во Сараево доаѓаме сериозно ослабени, без тројца играчи кои се стандардни во нашата ротација. Но, сигурен сум дека останатите во мојот тим ќе најдат сила и ќе го надополнат нивното отсуство“, вели Кочов.

МЗТ Скопје Аеродром во моментов е на делбата на второто место на табелата и тоа токму со Спарс, со оглед што двата тима во досегашните 10 кола остварија учинок 7-3 и се најдоа веднаш зад досега неприкосновената Приморска.

Се вчитува...