МЗТ Скопје атакува на гостинска победа против Зрињски во Мостар

Македонскиот кошаркарски вицепрвак, МЗТ Скопје Аеродром ќе се обиде да ја запише првата гостинска победа во сезоната во АБА 2 лигата. Гостувањето кај Зрињски (19 часот) е добра можност со оглед дека шампионот на Босна и Херцеговина е во лоша резултатска серија, нема победа во досегашните четири одиграни натпревари.

„Играме против шампионот на БиХ кој иако има скор од 0-4, сепак е силна екипа со голем број искусни кошаркари во ростерот. Зрињски ги има Бакиќ, Рамњак, Шутало, Тодоровиќ, Соколовиќ, играчи кои зад себе имаат многу вакви мечеви и кои можат да бидат опасни буквално за секој противник“ – вели во пресрет на натпреварот, тренерот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов.

МЗТ во натпреварот во Мостар ќе биде без повредениот Џејмс Вудард кој има повреда на скочниот зглоб. Иако Американецот е исклучително важен за тимот, од „сино-белиот“ табор очекуваат успех и без него.

„Без калкулации влегуваме во натпреварот против екипа која никако не смее да се потецени. Зрињски е како ранет лав по четирите порази во низа, едвај чека „да гризне“ некого. Се надевам дека тоа нема да бидеме ние. Ќе ни биде потребна смирена и организирана игра и пред се огромна агресивност на двете страни на теренот“ – смета, Андрија Бојиќ.

МЗТ на единственото гостување досега, кај Приморска, не успеа да забележи триумф, на домашен терен има максимален биланс, три победи против Хелиос, Борац и против Ловќен. Овој ефект е доволен за третото место на табелата, зад Приморска и Сплит.

 

 

 

 

Се вчитува...