МЗТ Скопје подготвен за турнирот во Турција

Екипата на МЗТ Скопје денес патува за Турција каде ќе учествува на меѓународниот пријателски турнир организиран од турскиот прволигаш, Бујукчекмече. На овој турнир ќе настапи и Истанбул ББ, како и хрватскиот претставник во АБА-лигата, Цибона од Загреб.

Шеткратниот македонски првак на 6. септември МЗТ ќе ги одмери силите токму против домаќинот, а браќата Стојановски спротивставени еден против друг, ќе бидат главна тема покрај останатите случувања на теренот. Победникот од овој меч во финалето ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Цибона и Истанбул ББ, заедно со натпреварот за трето место ќе се играат еден ден подоцна.

„Подготовките во Скопје поминаа одлично. Одржавме тренинг сесии во сала и на отворени терени, одработивме и неколку тренинзи 5 на 5. Не можевме да ја одбиеме поканата за овој турнир, ќе настапат неколку квалитетни екипи меѓу кои е и хрватскиот претставник од АБА-лигата, екипата на Цибона. Овој турнир е токму она што му треба на МЗТ, да видиме до каде ни се можностите, да оцениме како помина првиот дел од подготовките. Ќе можеме да донесеме заклучок колку се подготвени и вклопени во овој тим новите засилувања, ќе видиме како се носат со тешки противници, па така ќе знаеме колкав е напредокот“, истакна тренерот Ацо Тодоров.

Сите избраници на Тодоров се во одлична здравствена состојба, освен репрезентативецот Адем Мекиќ, кој се жали на повреда на ногата и не тренираше во последните неколку дена. Медицинскиот тим потврди дека не се работи за сериозна повреда, но засега не се знае дали Мекиќ ќе биде во можност да помогне на својот тим.

Се вчитува...