МЗТ Скопје покажа зошто е шампион – убедлива победа и над ТФТ (фотогалерија)

МЗТ Скопје уште еднаш демонстрираше шампионска игра, славејќи во дерби дуелот против ТФТ со убедливи 80-67. Откако минатиот викенд го совладаа Пелистер среде Битола, „металците“ вечерва беа подобри и од ланскиот финалист ТФТ, погрижувајќи се повеќе да нема непоразени екипи во мак-баскетот (единствениот пораз на МЗТ е службен, на дуелот со новиот суперлигаш Ангели).

Вечерашното дерби мина во знакот на „сино-белите“, кои со цврста одбрана си го трасираа патот до победата. МЗТ успеа да се одлепи уште во првата четвртина, поведувајќи со 21-11, за со тројката на Тома Стојаноски овој дел од мечот да заврши со 21-14. Аеродромци го контролираа резултатот, ТФТ во вториот период дојде на „минус три“, но Мекеден одговори со осум поени во рок од две минути и предноста повторно стана двоцифрена (42-32), а на одмор се замина со 43-33 за актуелниот шампион.

ТФТ повторно се приближи на минус два во третата четвртина (46-44), но тоа беше се што гостите успеаја да сторат, МЗТ повторно се одлепи резултатски, овојпат не дозволувајќи противникот да се врати, па аеродромци рутински го приведоа мечот до крај и конечните 80-67.

Мекеден ги предводеше стрелците на аеродромци со 20 поени, 17 реализираше Андреј Магдевски, додека Говенс со 23 и Дејвис со 19 беа едиствеите двоцифрени кај ТФТ на вечерашниот дерби дуел.

 

Се вчитува...