МЗТ Скопје во АБА2 ги лечи раните од вечното дерби

Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со пеколното темпо, па три дена по вечното дерби на македонскиот шампионат против Работнички, „металците“ денеска во 18 часот ќе го пречекаат тимот на Динамик во рамките од осмото коло во АБА2 лигата. МЗТ по првите седум кола има скор од пет победи и два порази, само еден триумф повеќе од гостите од Србија, што е јасен знак дека денешниот противник никако не смее да биде потценет.

„Дуелот со Динамик доаѓа во незгоден момент, само два дена по исцрпувачкото дерби против најлутиот ривал во домашното првенство, во кое емотивно се испразнивме. Против себе ќе имаме млада и полетна екипа која негува брза и атрактивна кошарка, тимот е составен воглавно од играчи високи меѓу 195 и 205 сантиметри, што ги прави уште потешки за скаутирање и за играње. Сепак, искуството е на наша страна и ќе се обидеме тоа макимално да го искористиме и на славиме на дуелот на домашен терен“ – изјави тренерот Кочов во пресрет на овој натпревар.

МЗТ со евентуална победа би се израмнил со босанскиот претставник Спарс со скор 6-2 на делба на второто место на табелата. На чело се наоѓа словенечкиот прволигаш Приморска, кој по првите осум кола има максимални осум победи.

Се вчитува...