МЗТ со пораз ја заврши 2018 година

Македонскиот кошаркарски вицепрвак МЗТ Скопје Аеродром со пораз ја заврши 2018 година во АБА 2. Тимот на Ѓорѓи Кочов загуби од Борац во Чачак со 79-74. Во еден неизвесен натпревар, кошаркарите на составот од „Јане Сандански“ не успеаја да се наметнат и да стигнат до триумф. Ќе ја заокружат годината со девет победи и четири порази во ова регионално натпреварување, рангирани на втората позиција на табелата.

Воведниот период му припадна на домашниот тим кој го доби со 23-19, но МЗТ Скопје Аеродром возврати во втората четвртина и на одмор замина со два поени позитива (40-42).

Сепак, после паузата кошаркарите на Борац Чачак заиграа многу подобро, решавачки беше третиот сегмент кој домаќинот го заокружи со 24-19 и направи пресврт, што потоа го претвори и во заслужен триумф.

Најефикасен кошаркар во редовите на МЗТ беше Иве Иванов со 25 поени, а Андрија Бојиќ постигна три поени помалку. Во победничкиот тим на Борац Чачак, Радован Ѓоковиќ уфрли 21 поен.

Следниот меч од АБА 2 лигата, МЗТ Скопје ќе го одигра на 3 јануари во Скопје против лидерот, Приморска.

Се вчитува...