МЗТ со триумф над Бакиркој го заврши гостувањето во Турција

Кошаркарите на МЗТ Скопје во третиот меч дојдоа до првата победа на контролните средби пред новата сезона, откако денеска, во Истанбул, го совладаа турскиот второлигаш Бакиркој баскет со 92-72.

Домаќинот во три четвртини од мечот имаше резултатска израмнетост, но само благодарение на сомнителните судиски одлуки кои непотребно создаваа постојано тензии на дуелот. Каков беше судискиот критериум, како што се пренесува на официјалната интернет страница на МЗТ Скопје, говори и фактот што двајцата центри Бојан Трајковски и Даниел Џенсен уште по првото полувреме имаа по четири прекршоци.

Сеппак, големата разлика во квалитет дојде до израз во последните десетина минути, кога „металците“ набрзина дојдоа и до плус 15 (78-63) што им беше доволно за „сефте“ триумф во досегашниот дел од подготовките.

Дамјан Стојановски беше убедливо најдобар во МЗТ Скопје Аеродром со 23 постигнати поени, а добра офанзивна партија прикажа и Даниел Џенсен со 20 поени. Брет Бејли застана на 12 поени, а Адем Мекиќ и Бојан Трајковски реализираа десет односно осум поени.

Сино-белите веднаш по мечот се враќаат во Македонија, каде што во понеделник накусо ќе продолжат со тренинзи пред заминувањето на нова мини-турнеја, овој пат во Бугарија и Романија каде што ќе ги одмерат силите со Левски, Лукоил Академик и двапати со Крајова.

Бакиркој баскет – МЗТ Скопје Аеродром 72-92 (23-24, 25-25, 15-21, 9-22)

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ: Гарсија 9, Стајиќ 2, Бејли 12, Мекиќ 10, Стојановски 23, Митев, Пенов 7, Маслинко 1, Мамузиќ, Тодоровски, Трајковски 8, Џенсен 20.

Се вчитува...