МЗТ замрзна на „минус 23“ во Белград

МЗТ Скопје претрпе катастрофален пораз од 98-75 во рамките од 19. коло од АБА2-лигата, губејќи во Белград од екипата на Динамик. Овој дуел беше многу важен за „металците“ во трката за второто место, но избраниците на Ѓорѓи Кочов тотално потфрлија и апсолутно заслужено со наведнати глави го напуштија теренот.

Македонскиот вицешампион беше достоен ривал само во првите осум минути, за во финишот од првата четвртина набрзина да прокоцка „плус четири“ и овој дел од мечот да заврши со 28-23 за Динамик. Тоа беше само најава за очајот со кој се соочи МЗТ во преостанатите 30 минути, во кои одбраната воопшто не функционираше, додека во нападот шутот од далечина беше далеку под посакуваното ниво. Најдобар доказ за недоволната агресивност на македонскиот тим е фактот дека во првите 20 минути МЗТ направи само пет лични грешки, домаќините не шутнаа ниту едно слободно фрлање, а сепак постигнаа 46 поени.

Српскиот претставник пред крајот на третата четвртина имаше и огромни „плус 25“ што МЗТ во последниот период ги намали благодарение на серијата на Вудард. Сепак, домашниот стратег побара тајмаут при 85-71, по што Динамик повторно влезе во ритам, на крајот добивајќи го натпреварот со убедливи 23 поени разлика.

Вудард беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 26 поени, Бојиќ постигна 15 поени, а Магдевски 12 поени во таборот на „металците“. Македонскиот тим целосно потфрли во борбата под обрачите, каде имаше 25 скока, дури 15 помалку во однос на Динамик.

МЗТ Скопје по денешниот пораз има скор од 13-6 и заостанува една победа зад Спарс во битката за второто место на табелата. Добра вест за „сино-белите“ е што следи пауза во АБА2 поради одигрувањето на националните купови во земјите од регионот, по што со регионалното натпреварување ќе се продолжи на 28 февруари. „Металците“ во рамките од 20. коло ќе бидат домаќини на словенечкиот претставник Рогашка.

Се вчитува...