Македонскиот репрезентативец Енис Барди се врати од паузата поради повредата и веднаш стрелаше за Леванте, двапати од белата точка во дуелот против Атлетико Мадрид. Со овие погодоци Македонецот успеа да постигне гол против два од трите најголеми шпански гиганти. А, откако претходно ја тресеше и мрежата на Барселона, му остана само Реал Мадрид.
За разлика од денешниот гол, против каталонскиот состав Барди постигна неверојатен погодок во сезоната 2017/18 кога за ударот надвор од шестнаесетникот Марк Андре Тер Штеген немаше одбрана.
Со овие два гола Барди стигна до погодокот број 22 во дресот на Леванте. Се започна во сезоната 2017/18 кога прв „настрада“ Депортиво ла Коруња, а потоа Македонецот постигнуваше голови и против Валенсија, Атлетик Билбао во три наврати, Реал Сосиедад и Селта во два наврата, Еибар, Легањес, Гетафе, Рајо Валекано, Џирона, Гранада, Еспањол, Реал Бетис и Реал Ваљадолид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА