На Марота му пукна филмот: Ќе брка десет фудбалери од „Џузепе Меаца“

Интер вложи сериозни пари за да го стигне Јувентус и да се вмеша во трката за скудетото, „нероаѕурите“ долго време беа рамо до рамо со „старата дама“, но слабите резултати во последните десетина кола придонесоа тимот на Антонио Конте да заостанува дури 11 бода зад Јуве во трката за скудетото. Џузепе Марота беше бесен по последниот неуспех, на домашен терен против Болоња, а италијанските медиуми најавуваат дека директорот задолжен за трансфери e решен летово да избрка десет фудбалери од „Џузепе Меаца“.

Алексис Санчез е прв на листата, Чилеанецот промаши две стопроцентни шанси во завршницата, по што Марота донел одлука да не го откупи неговиот договор со Манчестер Јунајтед. „Ѓаволите“ беа подготвени на договор и за скромни 20 милиони евра, но проблем претставува превисоката плата на Алексис, што сега повеќе од половина ја покрива англискиот гигант. Нема да биде откупен ниту договорот на Бираги, кој настапува на позајмица од Фиорентина, но „виолетовите“ планираат да го доведат Емерсон Палмиери од Челси како нов лев бек.

Тренерот Конте ја загуби довербата во Диего Годин, па Марота сака да го избрка Уругваецот, кој е еден од најплатените во екипата. „Црвен картон“ ќе добие и Асамоа, кој сезонава речиси и да не доби шанса за настап, а ќе биде продаден и Весино, за кого интерес покажуваат неколку англиски премиерлигаши. Марота го загуби трпението и со Галјардини, кој промаши стопроцентна шанса при претходниот „кикс“ со Сасуоло.

Ветеранот Борха Валеро ќе се врати назад во Шпанија, нема да му биде продолжен договорот ниту на резервниот голман Падели, а ќе може да си замине и Ранокија, кој без никаква отштета ќе го избере новиот клуб.

Се вчитува...