На поразите им нема крај: Немоќни и против Русија

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски

Ракометната репрезентација на Макеоднија претрпе уште еден, четврти пораз во низа на СП 2019 откако денеска загуби од Русија со 30-28 во првиот натпревар од „Президент купот“. Катастрофалниот почеток и прочитаната игра „седум на шест“ од страна на противникот беше надминат, но нашите ракометари немаа сили за да ја прекинат „црната серија“, па утре во 13 часот ќе разигруваат за 15. место со поразениот од дуелот Катар – Чиле. Младите играчи добија шанса во последните петнаесетина минути и се покажаа во солидно светло, намалувајќи ја негативата во периодот откако теренот го напуштија Лазаров, Стоилов, Манасков и Георгиевски.

Никола Митревски застана на голот од почетокот на овој натпревар и веќе во третата минута одбрани зицер на руските ракометари, при резултат 1-1. Кире Лазаров постигна два гола во првите пет минути, а потоа имаше и одличен потег во одбраната, со скок од шест метри спречувајќи гол. Гоце Георгиевски погоди за водство од 4-2, но следеше експресен одговор на „зборнаја“, три гола за две минути и прво водство на рускиот состав (4-5). Филип Лазаров им даде две топки в раце на противничките ракометари, Русија поведе со 4-7, по што Раул го повлече искусниот бек од игра.

Кризата продолжи, во следниот напад Дибиров пресече додавање на Кире Лазаров и лесно реализираше, а по уште неуспешна акција и контранапад за 4-8 за Русија, селекторот Гонзалес побара минута одмор. Во нападот заигравме „6 на 6“, по што Лазаров погоди и ја прекина серијата на противникот. Македонија си ја врати самодовербата во играта, па Георгиевски по една украдена топка и рутинска реализација од крило намали на 7-8. Митревски одбрани уште еден удар, а Георгиевски стрелаше прецизно од контранапад, за израмнување на 8-8 и тајмаут на рускиот селектор Кокшаров.

Пивотот Калараш ни создаваше многу проблеми во одбраната, а во ритам влезе и голманот Киреев, кој му одбрани пенал на Лазаров при водство на Русија од 10-12. Крстевски влезе во игра на местото на Манасков, по што Кумановски се пресели на крилната позиција. Митревски одбрани зицер при 10-13, по што Лазаров од пенал. Завршните минути минаа во знакот на противничката селекција, која имаше и пет гола предност, за со головите на Крстевски и на Лазаров да намалиме на 14-17, благодарение и на одбранетиот зицер на Митревски пред самиот крај на полувремето.

Надежите за камбек исчезнаа за само неколку минути во вториот дел, откако Киреев влезе во серија и одбрани неколку шутеви на нашите ракометари, а згора на тоа Мартин Поповски во ситуација без голман биеше само во гредата. „Зборнаја“ лесно го контролираше резултатот, не дозволувајќи посериозно да се одлепиме. Танкоски одигра на лево крило во второто полувреме, а на 12 минути од игра Раул го повлече од игра и Лазаров, давајќи му шанса на Серафимов.

Во значително подмладен состав Македонија успеа да се приближи, пет минути до крајот резултатот гласеше 27-25. Сепак, се немаа сили за пресврт, па Русите поумешно го завршија натпреварот, на крајот триумфирајќи со конечни .

Кире Лазаров со девет гола беше најефикасен на овој натпревар, Пешевски имаше пет, а Георгиевски и Талески по три погодоци, додека Митревски повторно го заврши мечот со двоцифрен број на интервенции.

Нашите ракометари утре го играат својот последен натпревар на овој Мундијал, во битка за 15. позиција со поразениот од дуелот меѓу Катар и Чиле што е на програмата денеска од 15.30 часот.

Се вчитува...