Надал го откажа настапот во Абу Даби

Првиот светски рекет, Рафаел Надал, го откажа настапот на егзибицискиот турнир во Абу Даби што ќе се игра од 28 до 30 декември. Шпанецот го одложи своето враќање на терен по паузата од повреда на коленото заради недоволна подготвеност.

Ова беше тешка година и треба поинаку да го организирам календарот за да бидам подготвен за Австралија Опен. Жал ми е што морав да им јавам на организаторите и на сите навивачи дека нема да играм во Абу Даби“ – изјави 31-годишниот Рафаел Надал.

Шпанскиот тенисер во текот на напорната сезона годинава се врати на првото место на АТП листата и ги освои Ролан Гарос и УС Опен, но на крај поради повреда на 14 ноември мораше предвреме да го заврши настапот на завршниот мастерс турнир во Лондон.

Според шпанскиот весник „АС“, Надал неделава ги прекинал тренинзите на Мајорка и заминал во Барселона за да направи преглед на коленото.

На тридневниот егзибициски турнир во Абу Даби, како замена за Надал ќе настапи неговиот сонародник, Роберто Баутиста, моментно 20.тенисер во светот.

Се вчитува...