Надежите прокоцкаа во последните минути предност од два гола: Реми со Словачка (ФОТО)

Младата репрезентација на Македонија испушти огромна можност за победа против Словачка во второто коло на силниот меѓународен турнир „Анталија Куп 2021“ во Турција, прокоцкувајќи предност од 2-0 во последните минути за конечни 2-2. Словаците до ремито дојдоа со автоголот на Радуловиќ-Величковиќ во 89.минута од средбата.

Тоа што не успеаја да го реализираат против Казахстан во првиот натпревар, по бројни нереализирани можности, избраниците на Благоја Милевски со доминантна игра го реализираа во првиот час игра на дуелот против Словачка.

Почетната иницијатива на македонските надежи вроди со плод во 24. минута кога Дарко Чурлинов извонредно во соло-продор проби по левата страна минувајќи неколку противнички дефанзивци и ниско по земја погоди за водство од 1-0. Во продолжението се редеа шанси, но на полувремето резултатот остана непроменет.

Во вториот дел, во игра комплетно нова постава. Во игра влегоа уште 13 фудбалери. Но, и покрај тоа продолжи квалитетната игра. Во 54. минута, Арби Воша одлично нафрли од корнер од левата страна а на 11 метри, со волеј извонредно топката ја зафати Мартин Радуловиќ-Величковиќ постигнувајќи убав погодок за 2-0.

И кога се чинеше дека ќе следи победа, најпрво Словачка намали на 2-1 во 76. минута, а потоа дојде и до реми по грешка во одбраната и неспретниот автогол на Мартин Радуловиќ-Величковиќ.

Во првиот тим на нашата млада селекција настапија Денковски, Антовски, Младеновски, Ѓурковски, Елези, Илиевски, Алексовски, Бериша, Гроздановски, Фазлагиќ, Чурлинов. Второто полувреме го одигра комплетно нова постава со шанса за сите останати повикани фудбалери, со исклучок на Марко Ѓоргиевски и Лука Станковски кои паузираа поради повреди.

Се вчитува...