Нагелсман на преговори во Лондон, но не со газдите на Тотенхем…

Јулијан Нагелсман доби отказ од Баерн Минхен, но веднаш стана јасно дека младиот стратег нема предолго да остане без работа бидејќи екпресно е поврзуван со неколку врвни амбициозни клубови ширум Европа.

Тој беше споменуван како опција во Реал Мадрид доколку си замине Анчелоти, Тотенхем веднаш го контактираше доставувајќи му и понуда, а според последните информации, сега Нагелсман е сериозна желба на Челси. Англиските медиуми денеска информираат дека екс-тренерот на Баерн бил забележан на преговорите со раководни луѓе на лондонски премиерлигаш.

Логично би било да се очекува тоа да е Тотенхем, клуб што е во потрага по нов тренер по смената на Антонио Конте, но според овие извори Челси е клубот што води во трката по Нагелсман. Германецот лично ги слушнал замислите на клупската управа на „сините“, тим што инвестираше убедливо најмногу пари во последната година во Премиер-лигата и му бил ветен дополнителен буџет за нови засилувања.

Американскиот газда и неговите соработници не се задоволни од сработеното од Грем Потер, па иако во бројни наврати му укажаа доверба се чини дека ќе го остават овој стратег да ја доврши сезоната, а потоа ќе доведат нов стручњак на „Стемфорд бриџ“. Прва желба е Нагелсман…

Се вчитува...