Нај, нај на СП 2026: Очоа рамо до рамо со Меси и со Роналдо

Во рубриката „Нај, нај на СП 2026“ ви ги пренесуваме најинтересните статистички податоци од натпреварите одиграни претходниот мундијалски ден…

Канада за првпат се пласираше во нокаут фазата од едно СП. Канаѓаните се домаќини со најмал број на освоени бодови што влегле во нокаут-фазата (четири бода), рамо до рамо со САД на СП 1994.

Јохам Манзамби и Рубен Варгас се првиот швајцарски тандем што постигнал голови на два мундијалски меча во низа, по Роберт Баламан и Џозеф Хуги на СП 1954.

Победата над Катар беше само втора во мундијалската историја на БиХ, по онаа од 3-1 над Иран на СП 2014.

Керим Алајбеговиќ стана најмлад стрелец (18 години и 276 дена) на гол на СП постигнат надвор од шеснаесетникот, уривајќи го рекордот на Килијан Мбапе, кој на СП 2018 против Хрватска даде гол од далечина на возраст од 19 години и 207 дена.

Гилјермо Очоа влезе во игра во самиот финиш од мечот Мексико – Чешка, станувајќи само трет фудбалер во историјата со настапи на шест различни мундијали. Другите двајца се – Кристијано Роналдо и Лео Меси.

Хулијан Кињонес стана првиот мексикански фудбалер што постигнал повеќе од еден гол на еден мундијал, откако тоа му успеа на Хавиер Хернандез во 2010 година (два гола на Чичарито).

Последните 11 гола на Јужна Африка на светските првенства се постигнати од 11 различни фудбалери.

Јужна Африка имаше 31,5% посед на топката, најнизок процент на една селекција што успеала да стигне до победа на овој мундијал.

Шкотска е единствената репрезентација со која Бразил има играно повеќе од десет пати и никогаш нема загубено (девет победи и две реми).

Четирите гола на Винисиус се израмнување на рекордот на Бразил за број на погодоци во групната фаза од еден мундијал (Роналдо 2002, Нејмар 2014 и Жаирзио 1970).

Карло Анчелоти стана првиот италијански тренер што стигнал до нокаут фаза од едно светско првенство откако тоа му успеа на Фабио Капело со Англија на СП 2010.

Нејмар стана четврти бразилски фудбалер што настапил за „кариоките“ на четири мундијали, придружувајќи се во елитното друштво на Пеле, Кафу и Џалма Сантош.

Мароко ја прескокна Нигерија како африканска репрезентација со најмногу постигнати голови на светските првенства (Мароко сега има 26, Нигерија остана на 23).

Мароканците имаа 69% посед на топката, нивни апсолутен рекорд на еден мундијалски натпревар.

Се вчитува...