Најава за трансфер: Димитриевски доби уште една недела одмор од Валенсија

Столе Димитриевски е чекор поблиску до заминување од Валенсија откако беше објавено дека Македонецот добил една седмица продолжен одмор од страна на тренерот Карлос Корберан.

Овој стратег инсистираше на доведување на нов голман летово како јасна порака дека не гледа на Димитриевски како на опција за стартен чувар на мрежата, а последниот потег само потврдува дека Македонецот ќе треба што поскоро да си замине од „Месталја“. Имено, Столе е еден од петмината фудбалери кои добиле продолжен одмор од Корбера, но останатите четири се младински репрезентативци на Шпанија кои настапуваа на последното ЕП, а Димитриевски е единствениот со сениорски статус од овие петмина на чии услуги Корберан дефинитивно не смета во наредниот период.

Македонскиот репрезентативец имаше зад себе одлични сезони во дресот на Рајо Валјекано, тој важи за исклучително стабилен и стандарден голман, па се очeкува Димитриевски да добие понуди за останување во Ла Лига.

Во последните две години Македонецот имаше опција и за преселба во Саудиска Арабија, па не се исклучува можноста клубови од оваа земја повторно да понудат значителна сума за да го доведат Столе Димитриевски во своите редови.

Се вчитува...