Наполи стои на патот на „кралевите“

Реал Мадрид како актуелен европски првак се вбројува меѓу главните конкуренти за нова круна, но на Зинедин Зидан и на неговите избраници им е јасно дека одбраната на титулата е нешто што досега не му пошло од рака на ниту еден клуб од формирањето на Лигата на шампионите. Свесни за големината на предизвикот, „кралевите“ со огромна доза на претпазливост влегуват во денешниот натпревар против Наполи, тим што игра одличен офанзивен фудбал и дефинитивно е способен да приреди изненадување на „Сантијаго Бернабеу“.

Против себе имаме силен противник и секако дека ќе мораме да бидеме внимателни. Најважно за нас е да не примиме гол на домашен терен, верувам во нашиот тим и офанзивниот потенцијал, дека најмалку еднаш ќе го совладаме противничкиот голман“ – изјави дефанзивецот Серхио Рамос.

Реал Мадрид и Наполи последен пат се сретнале во првта рунда од Купот на Европските Шампиони во 1987 година. Поуспешни беа „кралевите“, кои славеа на првиот меч со 2-0 со погодоците на Мичел и на Тендилјо, пред реваншот во Неапол да заврши со израмнети 1-1 (Наполи прв поведе преку Бјанки, а израмни Емилио Бутрагењо).

„Наполитанците“ се свесни дека во Мадрид пристигнуваат со улога на аутсајдери, но сепак се максимално мотивирани да приредат изненадување на вечерашниот натпревар на „Сантијаго Бернабеу“.

Знаеме дека Реал е одличен тим, дека го има Кристијано Роналдо, кој заедно со Меси е најдобар во светот. Не се откажуваме од намерата да стигнеме до позитивен резултат пред реваншот на „Сан Паоло“, стадион кој ќе делува застрашувачки дури и за голем клуб како Реал Мадрид. Нашата главна сила е во колективот, а најзаслужен за тоа е тренерот Сари, кој им дава шанса на сите фудбалери да дадат свој придонес во играта на екипата“ – истакна голгетерот Лоренцо Инсиње.

Реал Мадрид шест години по ред го минува осминафиналето во ЛШ, серија што „кралевите“ ќе се обидат да ја продолжат и сезонава. Реал Мадрид има скор од 22 победи, три реми и шест порази на досегашните 31 домашни средби против ривали од Италија. На спротивната страна, Наполи има скор од две победи и четири порази на досегашните шест гостувања во Шпанија.

Се вчитува...