НБА – Дебакл на „кралевите“ против Атланта

Сакраменто кингс доживеаја вистински дебакл против Атланта хокс и загубија со 46 поени разлика (126-80). Кошаркарите на Атланта ја направија разликата во втората четвртина која ја добија со 40-19, а последниот удар на „кралевите“ им го зададоа во последниот дел од мечот кој заврши со 34-19. Домаќините погодија десет тројки од 16 обиди и имаа импресивни 63,3 проценти на реализација на шутот од игра.

Најефикасен во тимот на Атланта беше Денис Шрудер со 21 поен и осум асистенции, а под кошот доминираше Двејн Дедмонд со 20 поени, 14 скока и пет асистенции. Кај Сакраменто прв стрелец беше Зак Рендолф со 16 поени, а Џорџ Хил  погоди 12. Како куриозитет се издвојува податокот дека сите  13 играчи на Сакраменто што настапија, се запишаа во листата на стрелците.

Во другите натпревари во НБА лигата победи славеа и Вашингтон возардс, Њујорк никс и Минесота тимбервулвс. „Волшебниците“ беа подобри од Мајами со 102-93, „никси“ ја надиграа Јута со 106-101, а Минесота го изненади Сан Антонио со 98-86.

Тимот на Вашингтон во победата го предводеше Џон Вол со 27 поени и шест асистенции, а веднаш до него беше Бредли Бил со 26 поени и седум скока. Кај Мајами се истакна Горан Драгиќ со 21 поен.

Најзаслужен за осмата победа на Њујорк никс беше Тим Хардавеј Џуниор со 26 поени дополнети со шест скока и шест асистенции, а Кристапс Порзингис запиша 22 поени и додаде осум скока. Кај „џезерите“ најефикасен беше резервниот играч Родни Худ со 30 поени, а 19 поени додаде Донован Мичел.

Карл Ентони постигна 26 поени и 16 скока во победата на Минесота, а Џеф Тиг додаде 16 поени и шест асистенции. Во екипата на Сан Антонио во која и понатаму не настапуваат Кавај Ленард и Тони Паркер, најабележителен на теренот беше Ламаркус Олдриџ со 15 поени и 10 скока, а го следеа По Гасол и Пети Милс со по 13 поени.

Се вчитува...