Не можеше полудо од ова: Атлетико утна пенал, доби црвен, направи два пенали… и пак го победи Хетафе

Атлетико Мадрид во еден од најлудите натпревари во Ла Лига во последните години во трилер завршница го совлада тимот на Хетафе со 4-3. Актуелниот првак имаше еден нереализиран пенал, избраниците на Симеоне направија два пенали што гостите ги реализираа, последните триесет минути ги играа со фудбалер помалку, но сепак успеаја да слават со голот што го постигна дефанзивецот Хермосо во 90. минута.

Мечот изобилуваше буквално со се, откако Атлетико при 0-0 не реализираше пенал преку Суарез, но избраниците на Симеоне сепак набрзина стигнаа до водство од 2-0 со головите што ги постигнаа Кореа и Куња. Мадрискиот тим вообичаено важел за тим со цврста одбрана што знае како да „забетонира“ вакви средби, но кризата е очигледна, па за десетина минути Хетафе постигна дури три гола, два од нив од пенал поради играње со рака на домашните фудбалери во сопствениот шеснаесетник.

Кореа постигна уште еден гол во судиското продолжение израмнувајќи на 3-3, по што домашните фанови се понадеваа на нов пресврт на оваа луда средба. Сепак, шансите за такво нешто драстичносе намалија откако Фелипе во второто полувреме со неверојатно груб старт заслужено доби црвен картон. Долго време немаше шанса и на двете страни, но кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, Хетафе направи наивен прекршок на триесетина метри откосо, а по центаршутот и повратната топка кон Хермосо овој дефанзивец одлично се снајде, сместувајќи ја во мрежата.

Се вчитува...