Недопирлив во Германија: Баерн слави титула на пет кола до крајот

Баерн Минхен уште еднаш ја потврди својата доминација во германскиот фудбал, осигурувајќи ја шампионската титула на пет кола до крајот на Бундес-лигата, шести шампионски трофеј во низа за овој клуб. Баварците попладнево гостуваа во Аугсбург и триумфираа со 1-4, создавајќи недостижна предност во однос на второпласираниот Шалке за нов шампионски трофеј.

Аугсбург неочекувано прв поведе по катастрофалната грешка на Боатенг, но Баерн уште пред крајот на првото полувреме направи пресврт со головите на Толисо и на Хамес Родригез. Избраниците на Јуп Хејнкес во второто полувреме само ставија печат на победата и на титулата со погодоците на Робен и на Вагнер.

Волфсбург славеше со 0-2 на гостувањето против Фрајбург со двата гола на Дидави, за огромни три бода во битката за опстанок.

Резултати Германија:

Аугсбург – Баерн М. 1-4, Борусија М. – Херта 2-1, Келн – Мајнц 1-1, Фрајбург – Волфсбург 0-2.

Се вчитува...