Нејмар во Париз: Срцето ме донесе овде, не го избрав ПСЖ поради парите

ПСЖ синоќа го официјализираше трансферот, а Нејмар денеска веднаш допатува во Париз на својата промоција како најново засилување на францускиот фудбалски гигант. Нема сомнеж дека рекордот од 222 милиони евра нема да биде урнат уште извесно време, а на Нејмар е да докаже дека е добра инвестиција на „светците“ од Париз.

„Срцето ме донесе овде во Париз. Со Барса освоив се што можеше да се освои, но сакав нешто поголемо, сакав уште поголем предизвик. Сметам дека ова е вистинскиот момент за заминување од Барселона, а убеден сум дека ПСЖ е вистинскиот предизвик за натамошниот дел од мојата кариера. Не дојдов овде поради парите, оние кои ме познаваат знаат дека парите никогаш не ми биле мотивација. Го следам своето срце, а не патот на парите“ – изјави Нејмар.

Првиот човек на ПСЖ, Насер Ал Келаифи, не го криеше воодушевувањето што успеа да доведе фудбалска мегаѕвезда од калиброт на Нејмар на „Паркот на принцовите“.

Го доведовме најдобриот играч во светот. Пресреќни сме поради овој трансфер, нема сомнеж дека со Нејмар во тимот ќе атакуваме на сите можни титули“ – изјави Ал Келаифи на денешната прес-конференција.

ПСЖ утре ја стартува сезоната во францускиот шампионат, на домашен терен против Амиен, а Нејмар е подготвен да им помогне на новите соиграчи.

Јас сум подготвен да играм. Ако регистрацијата е завршена навреме и ако можам да играм, секако дека ќе помогнам“ – порача Бразилецот.

Се вчитува...