Серијата квалитетни засилувања на Милан дефинитивно ќе значи и заминување на дел од ланските фудбалери на „росонерите“. Лападула и Бертолучи веќе си заминаа во Џенова, а следен што ќе го напушти „Сан Сиро“ е Карлос Бака, кој својата кариера ќе ја продолжи во редовите на Олимпик Марсеј.
Италијанските и француските медиуми тврдат дека клубовите веќе постигнале договор трансферот да изнесува 15 милиони евра. Дури и Бака ги договорил личните услови, па во следните три сезони на „Велодром“ ќе заработува по 3,5 милиони евра. Останува само уште колумбискиот ас да ги мине лекарските прегледи, закажани за утре, по што трасферот ќе биде официјализиран.
Само за потсетување, Милан веќе го доведе Португалецот Силва од Порто, во завршна фаза се и преговорите за Никола Калиниќ од Фиорентина, па јасно е дека Бака не би бил стартер во новата сезона, поради што овој голгетер настојува што поскоро да најде нов ангажман. Интересно, минатата сезона Вест хем понуди 30 милиони евра за овој фудбалер, Милан ја прифати оваа понуда, но Бака ги одби личните услови и трансферот пропадна. Така, „росонерите“ летово се принудени да го продадат овој голгетер за двојно помала сума од онаа ланската понудена од страна на лондонскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА