Јирген Клоп јасно стави до знаење дека планира со коренити промени да донесе подобри резултати на германската фудбалска репрезентација.
Прославениот стратег го прифати предизвикот да биде на чело на националниот тим, а веќе од првиот ден на тренинзите пред Лигата на нации им ги соопшти на фудбалерите новите правила со кои очекува да ја подобри дисциплината, но и да го крене тимскиот дух во репрезентацијата.
Конкретно, тој вовел четири нови правила кои се сосема различни од начинот на функционирање на неговиот претходник Јулјан Нагелсман.
Првото е точност, кај Нагелсман постоела можност играчите сами да избираат дали ќе вечераат во осум или во девет часот. Со тоа била вршена поделба меѓу самите фудбалери, нешто што Клоп апсолутно планира да го исече во корен. Затоа, вечерите ќе бидат или во осум, или во девет часот навечер, со задолжително присуство на сите фудбалери во истиот термин.
Забраната на мобилни телефони пред натпреварите е уште една новост под новиот селектор, кој инсистира фокусот на фудбалерите да биде само на мечот. Мобилните ќе бидат забранети и во теретаните или додека фудбалерите се на масажа, а целта е – да има поголема комуникација меѓу самите играчи, наместо фокус на телефоните.
Јасен знак за недисциплината под водство на Нагелсман беше слободата голем дел од фудбалерите да си повикуваат фризери во репрезентативниот хотел. Клоп децидно го забранил ваквото однесување. Идејата е јасна – ако одите на службено патување, треба однапред да се потстрижете, исто како било кој друг вработен во било која сфера.
Последната забрана на новиот селектор се однесува на присуство на девојките или сопругите во репрезентативниот хотел. Клоп ќе даде дозвола за такво нешто само за време на големите натпреварувања, а на овие „вообичаени прозорци“ фудбалерите нема да смеат да ги носат своите „понежни половини“ во тимскиот хотел. Целта е јасна – заедништвото се гради меѓу самите играчи, а тоа е многу потешко кога членови на нивните семејства се цело време во нивна близина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
