Непрофесионално: Червар седи во Загреб, Металург се „остри“ за Спортинг

Металург е без триумф по првите две кола во ЛШ, а во рамките од третата рунда македонскиот вицепрвак повторно е домаќин, овојпат на португалскиот Спортинг Лисабон. Противникот е многу посилен од Бешикташ (во првото коло славеше во Истанбул со 26-30), а уште поголем проблем од квалитетот на противникот претставува несериозниот однос на „металурзите“ откако Лино Червар цела седмица воопшто не ги води тренинзите на својот тим, препуштајќи му ја таа улога на помошникот Александар Јовиќ.

Како што информираат од Металург, Лино Червар е отсутен бидејќи се наоѓа во Загреб на седница на Стручниот совет на Хрватската Ракометна Федерација.  Тој ќе пристигне во текот на ноќта и ќе го води тимот на саботниот дуел против Спортинг, но изненадува како Червар неполни 48 часа откако најави дека тимот треба напорно да работи по очајната игра со Бешикташ, самиот отпатува во Загреб, таму минувајќи неколку дена кои ќе беа драгоцени за отстранување на грешките кои ги имаше во огромен број минатиот викенд.

Седењето на две столчиња е нешто што беше дозволено и од челниците на Металург и од раководството на Хрватската Ракометна Федерација, но откако „Вечерњи лист“ најави дека Лино Червар ќе си замине од клупата на Металург, станува симптоматично што тој предолго се задржува на „состаноци“ во Загреб. Едно е да се замине на состанок, но да се минат три-четири дена надвор од тимот е нешто сосема поинакво.

Ако целта е напредок од натпревар во натпревар (и напорна работа секој ден, како што најави по Бешикташ), логично е најголемиот дел од работата да го врши токму Червар, нешто што очигледно не е случај во клубот од Автокоманда во моментов.

Се вчитува...