Несреќен пораз од Шпанија: Митровски промаши пенал за голем бод за надежите (ФОТО)

Младата репрезентација на Македонија доживеа несреќен пораз од 0-1 од Шпанија во петтиот натпревар од Групата 6 во квалификациите за пласман на ЕП 2020. Македонските надежи беа максимално рамноправни со фаворизираните Шпанци кои до триумфот дојдоа со гол од пенал во 83. минута. Димитар Митровски, пак, во 87. минута промаши пенал за Македонија за голем бод против една од најдобрите светски селекции.

Избраниците на Благоја Милевски беа максимално рамноправни со фаворизираниот противник во првото полувреме кое заврши без ниту еден шут на двете страни. Во неколку наврати македонските надежи и се заканија по противничкиот гол, но без посериозна шанса за погодок.

Единствената мини-шанса Шпанците, кои беа тотално неутрализирани во нападот, ја имаа во 36. минута кога Миранда во одлична позиција на десеттина метри пред голот на Јанков несигурно реагираше шутирајќи само покрај левиот дирек.

Во второто полувреме, Шпанија првиот удар на мечот го имаше во 58. минута преку нововлезениот Виљар. Но покрај дирекот од голот на Јанков.

Македонската репрезентација во 67. минута се закани преку нововолезениот фудбалер на Брегалница, Кристијан Ацковски, но неговиот шут од 18 метри заврши над голот на Шпанците.

Во 76. минута Антонин Кортес испрати добар шут од 18 метри, но Јанков одлично интервенираше исфрлајќи во корнер.

И по крајниот мирниот натпревар вистинска драма во последните десет минути. Најпрво во 83. минута, Шпанците поведоа со погодокот од пенал на Хуго Дуро, а потоа во 87. минута пенал и за Македонија откако гостинскиот голман неспретно реагираше. Но, Димитар Митровски лошо шутираше од белата точка и гостинскиот голман Мартинез одбрани за конечна победа од 0-1 на Шпанија.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2020 – ГРУПА 6

МАКЕДОНИЈА – Шпанија 0-1 (0-0)

Национална арена „Тодор Проевски“. Главен судија: Феснич Хоратиу (Романија). Стрелци: Хуго Дуро 83′(Ш).

МАКЕДОНИЈА: Јанков, Антовски, Тодороски, Серафимов, Гроздановски, Руфати, Ристовски (72′ Тошевски), Здравковски (85′ Даци), Фазлагиќ (62′ Ацковски), Чурлинов (85′ Јованов), Митровски

Селектор: Благоја Милевски

ШПАНИЈА: Мартинез, Пипа, Хуго, Миранда, Клементе, Алења (55′ Виљар), Поцо (70′ Кортес), Дани Гомез (46′ Хуго Дуро), Мартин (70′ Гонзалес Лопез), Рикард Пуиг, Ибањез

Селектор: Луис Де Ла Фуенте

Се вчитува...