Неверојатниот Богдановиќ сам ги реши Американците… МВП на Ол-стар мечот „Ѕвезди во раст“ (ВИДЕО)

Српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ беше централната фигура на синоќешниот меч „Ѕвезди во раст“ во рамките на НБА „Ол-стар“ собирот кој викендов се одржува во Лос Анѓелес.

Богдановиќ во пресметката меѓу тимот на Американците против тимот на странците во НБА предводеше во триумфот на странците од 155-124, притоа избран и за МВП на мечот. На тој начин стана само втор Европјанин на кого му успеало тоа од рака во историјата на НБА, по Литванецот Зидрунас Илгаускас во 1998 година.

Можеби резултатот на мечот беше во втор план, но Богдановиќ со своите потези направи кошаркарските вљубеници да уживаат. Одигра 21 минута со постигнати 26 поени, а дополнето со 6 асистенции, 4 скока и една украдена топка. Па на крајот сосема заслужено доби овации по добивањето на МВП признанието…

Неговиот соиграч од Сакраменто, Бади Хилд се обиде на крајот да му го преземе МВП признанието. Во последната четвртина Хилд играше буквално сам, шутираше, „билдаше поени“, но не успеа во тоа. Хилд мечот го заврши со 29 поени.

Покрај нив двајца, во тимот на странците се издвоија и Мареј со 21 поен, Шариќ со 18 поени, Марканен со 15 поени, додека Домантас Сабонис мечот го заврши со „дабл-дабл“ од 13 поени и 11 скока.

Кај Американците најдобар беше бекот на Бостон, Џејлен Браун со 35 поени и 10 скока. Кузма постигна 20 поени, а Џејсон Татум – 15 поени.

Ова беше трета победа на остатокот на светот во однос на ривалите од САД во претходните четири години.

Се вчитува...