Незаслужен пораз на некомплетна Македонија од Казахстан, повредата на Јакимовски не е сериозна

Младата репрезентација на Македонија, иако во квалитетен натпревар, доживеа незаслужен пораз од Казахстан од 1-2 на стартот од меѓународниот турнир „Анталија куп 2021“.

На мечот, на кој Македонија настапи без четворица значајни првотимци во оваа генерација, Лука Станковски, Марко Ѓорѓиевски, Филип Антовски и Агон Елези, судиите превидоа два очигледни пенали за македонскиот состав а по двете индивидуални грешки преку кои противникот дојде до предност од 0-2, и двете неискористени 100% шанси на стартот од второто полувреме, на крајот поразот беше ублажен со голот на Берат Калкан од турски Карачабеј.

Фудбалерот на Работнички, Лука Станковски и офанзивецот Марко Ѓоргиевски не настапија поради повреди, а Антовски и Елези добија можност за повеќе одмор, поради замор. Останатите повикани фудбалери добија по едно полувреме, создавајќи ја првата слика пред селекторот Благоја Милевски за потенцијалот пред новиот квалификациски циклус.

„Може да бидеме задоволни од начинот на игра, пристапот и желбата покажана на овој натпревар кој дава првична слика за потенцијалите и можност за меѓусебно фудбалско запознавање. По едно полувреме добија сите расположиви фудбалери, и како што претходно најавивме, така ќе биде и на следните два натпревари“ – вели селекторот Благоја Милевски.

На дуелот со Казахстан незгоден удар во еден момент во второто полувреме од противнички фудбалер доби и голманот Стефан Јакимовски. Како што информираат од стручниот штаб на репрезентацијата со Јакимовски е се во најдобар ред, и нема никакви посериозни последици од несаканиот удар.

Следниот натпревар за избраниците на Милевски е дуелот со Словачка на 27. март со почеток од 15 часот по македонско време.

Се вчитува...