Никој ги нема понижено Клоп и Ливерпул на „Енфилд“ како Аталанта

Надежите на Ливерпул за збогување со Јирген Клоп со европски трофеј за Германецот се сведени на теорија откако „црвените“ вечерва беа демолирани на домашен терен од Аталанта со 0-3. Англискиот тим важеше за фаворит, но одигра катастрофален меч што дисциплинираниот состав на Аталанта знаеше да го казни. Скамака беше во главна улога со два гола, а третиот погодок беше дело на Марио Пашалиќ.

Дел од вината сигурно има и Клоп, кој се реши да ги одмори клучните офанзивци, па Ливерпул одигра катастрофално прво полувреме по кое губеше со 1-0. На паузата влегоа Салах и Собослаи, потоа и Дијаз и Жота, но наместо камбек навивачите на „Енфилд“ проследија нов убедлив европски пораз, по оној ланскиот од 2-5 од Реал Мадрид во Лигата на Шампионите.

Баер Леверкузен по голема битка славеше над Вест Хем со 2-0, продолжување на неверојатната серија на тимот на Чаби Алонсо која трае од стартот на сезонава, во сите натпреварувања во кои „фармацевтите“ учествуваат од август 2023. Вест Хем 82 минути одолеваше на налетите на германскиот лидер, за во финишот Фабијански два пати да капитулира, по ударите на Хофман и на Бонифејс.

Италијанската битка меѓу Милан и Рома заврши со минимален триумф на гостите од Рим од 0-1, со голот на Манчини во првото полувреме. „Росонерите“ имаат причина да бидат бесни на арбитрите бидејќи пред корнерот од кој падна голот имаше очигледен офсајд што не беше покажан, акцијата продолжи, а Рома по тој удар од аголот успеа да стигне до победата.

Бенфика во последниот четвртфинален дуел од Лигата на Европа славеше на домашен терен над Олимпик Марсеј со 2-1, домаќините водеа со 2-0 со головите на Силва и на Ди Марија, по што Обамејанг ја преполови негативата со која ги врати надежите на Олимпик за реваншот на „Велодром“.

Во преостанатите две четвртфинални средби од Конференциската лига на УЕФА, Астон Вила како домаќин го совлада Лил со 2-1, додека Бриж беше подобар од ПАОК со 1-0.

Се вчитува...