Никола Ѓоргиев: Момциве покажаа од што се направени, триумф за сите наши навивачи!

Македонската одбојкарска репрезентација запиша победа против Данска од 3-1 на стартот на Европското првенство кое се игра во Скопје. Победа која го отвора патот и амбициите на Македонија за првпат во својата историја да дојде до осминафинале на едно европско првенство.

Капитенот Никола Ѓоргиев секако не можеше да ги скроти емоциите по триумфот, повикувајќи ја цела македонска јавност понатака силно да ги бодри момците на патот до осминафиналето.

„Сакам да честитам на сите моите соиграчи, одигравме навистина еден тежок меч за заслужена голема победа. Мило ми е што овие момци покажаа од што се направени, мило ми е што им подаривме победа на сите навивачи кои дојдоа да не бодрат. Ова е победа за нив и повик за силна поддршка за понатака. Ова е победа за Македонија. Мечот го добивме во трпението. Мора да бидеме трпеливи на секој натпревар, со трпение го добивме и овој натпревар“ – рече Ѓоргиев.

Сега, во сабота Македонија ја чека дуелот против Црна Гора. Со победа ќе се обезбеди осминафиналето.

„Сега мора добро да се одмориме затоа што имавме тежок натпревар, ментално и физички… А потоа секако во сабота против Црна Гора да дојдеме до победа. Искрено немам многу информации за Црна Гора, но добро ќе ја анализираме и верувам на крај ќе победиме“ – вели Ѓоргиев.

Се вчитува...