Николов: Во Истанбул ќе одиме со огромен оптимизам и желба за историја!

Играчот за врска на Вардар, Бобан Николов смета дека триумфот над Фенербахче е најголем успех на еден македонски клуб во историјата.

Ден по големата победа против турскиот тим, младинскиот репрезентативец потенцира дека колективната игра ги совлада индивидуалните квалитети кои ги поседува турскиот великан.

„Остваривме голема победа, но не треба да не фаќа еуфорија. Не сакам ниту да помислам дека може да се случи слично сценарио како со Копенхаген, ќе одиме таму со голем оптимизам, да постигнеме најмалку еден гол. Мислам дека оваа победа на домашен терен е најголема во историјата на македонскиот фудбал. Се надевам дека ќе имаме уште многу триумфи против вакви великани во европските натпреварувања. Фенербахче има голем респект од моја страна, поседуваат многу квалитетни фудбалери, одлични индивидуални. Но, денес не победи индивидуалниот квалитет, туку колективот. Ни следува натпревар против Победа во домашното првенство, а за реваншот ќе размислуваме после тој меч. Најважно е сега добро да се одмориме, бидејќи доста се потрошивме на оваа средба“ – вели Николов.

Се вчитува...