Првото коло од Лигата на Европа требаше да донесе и дуел на двајцата македонски репрезентативци, Аријан Адеми против Елиф Елмас, но до него нема да дојде поради повредата на капитенот на Динамо Загреб. Адеми тренираше со тимот во последните денови, но се уште не може да работи со полна пареа, па нема да му биде на располагање на тренерот на Динамо за пресметката со Фенербахче.
„Извесно време бев повреден, штотуку се опоравив. До натпреварот има уште два дена, така што шансите за мој настап се минимални. Како и да е, во тимот имаме играчи кои можат да го надополнат моето отсуство“ – изјави Адеми за хрватските медиуми, кој предупредува на квалитетите на Елмас…
„Мора да се внимава на Елмас, се работи за огромен талент кој знае само со еден потег да биде опасен“.
На спротивната страна, Елмас ќе биде максимално мотивиран и на европска сцена, откако во неделата го постигна својот прв гол за Фенербахче во турскиот шампионат.
„Не е лесно да се воиграме, немаме многу време меѓу натпреварите, а донесовме бројни засилувања, но напорно работиме. Желба ни е да продолжиме во ист стил, да славиме и на следните две средби со Динамо Загреб и со Бешикташ“ – истакна Елмас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА