Ниту Минесота не успеа да го запре Хјустон

Хјустон рокетс продолжи со одлични игри да се зацврстува на првото место во Западната конференција, откако „ракетите“ синоќа го надлетаа и Минеаполис, славејќи на гостувањето против Минесота со 120-129. Како и многу пати претходно сезонава, извонредниот напад беше рецептот за успех на Хјустон, предводен од Џејмс Харден и неговите 34 поени, надополнети со 12 асистенции.

„Ракетите“ имаа водство од 21 поен по првото полувреме, домашните кошаркари стигнаа до „минус пет“, но немаа сили за целосен пресврт против најдобриот тим во лигата. Џеф Тиг имаше 23 поени и 11 асистенции за Минесота, додека Таунс оствари 20 поени и 18 скокови, недоволно за да се земе скалпот на Хјустон.

Многу интересно беше во Торонто, каде домаќините ја прекинаа серијата од 12 победи губејќи на свој терен од Оклахома сити со 125-132. Причина – неможноста да се најде начин да се запре Расел Вестбрук, кој одигра уште еден одличен натпревар реализирајќи 37 поени, 14 асистенции и 13 скокови.

Резултати НБА:

Торонто – Оклахома сити 125-132, Њу Орлеанс – Бостон 108-89, Минесота – Хјустон 120-129, ЛА клиперс – Портланд 109-122.

Се вчитува...