Ноќ за паметење на Лилард – 50 поени, Леброн Џејмс со нов „трипл-дабл“

Кошаркарите на Портланд славеа на гостувањето против Сакраменто со 100-118 во еден од најинтересните синоќешни дуели во НБА лигата.

Мечот ќе остане запаметен по тоталната доминација на паркетот на Демијан Лилард кој за 29 минути игра постигна неверојатни 50 поени, дополнети и со шест асистенции и еден скок. Од игра шутираше 16/26 а од линијата за слободни фрлања – 10/10. Кај домашните се истакна Рендолф со 17 поени.

Кливленд, пак, и покрај тоа што остана без голем број кошаркари дојде до гостинска победа над Атланта од 107-123, со 30 поени на Корвер. Сепак, во преден план се издвои Леброн Џејмс со нов „трипл-дабл“ од 22 поени, 19 асистенции и 12 скока.

Кливленд по оваа победа е на третото место на Истокот со скор од 32 победи и 20 порази.

Хјустон пред своите навивачи дојде до триумф од 130-104 против Денвер. Очекувано предводник во триумфот беше Џејмс Харден со 28 поени, 11 асистенции и 7 скока.

Од останатите натпревари за издвојување е и победата на Индијана на гости против Бостон со 91-97 а Мајами беше подобар пред своите навивачи против Милвоки со 91-85. Јута одличната низа резултати ја продолжи со победата против Шарлот од 106-94.

Се вчитува...