Норвешка спречи сензација против Португалија, реми на Шведска и Белорусија

Норвешка ги задржа шансите за пласман во нокаут фазата на Светското првенство во Египет, откако стигна до триумф во трилер мечот против Португалија со 29-28. Норвежаните во текот на целиот меч имаа предност, но упорните Португалци во ниту еден момент не се предадоа и беа во игра се до самиот финиш. Со овој триумф Норвешка ги задржа шансите за пласман меѓу осумте најдобри на шампионатот, со што спречи сензација и рана елиминација на еден од најголемите фаворити за освојување на трофејот. Сандер Сагосен со шест гола беше прво име во победничкиот табор, додека кај поразените по пет постигнаа Портела и Соареш.

Во вториот натпревар од вечерашната понуда Шведска ремизираше со Белорусија 26-26. Белорусите одиграа неверојатно прво полувреме по кое имаа предност од пет голови 10-15. Сепак, следеше голем пад во вторите 30 минути што на крајот резултираше со тоа Белорусија во последниот напад да дојде до само бод. Ване со седум гола беше најдобар поединец на натпреварот, додека кај Белорусија Јуринок и Валијапов постигнаа по шест.

Се вчитува...